Роењето е непожелна појава во современото пчеларство. Во одреден момент на развој чим пчелната заедница осети дека им станува „тесно“ во нивното живеалиште, кај истата се развива нагон за роење. Во пчелното друштво се создаваат „матичњаци“, од кои се испилуваат нови матици. Штом се испили матицата, нејзина прва задача е да ги уништи преостанатите матичњаци, а доколку има и друга матица, настанува борба во која едната ја убива другата.
Во случајот со роењето, чим се испили нова матица, старата матица заедно со дел од пчелите заминува во потрага на „нов дом“, додека пак остатокот од пчелите со новата матица останува во „стариот дом“. При заминувањето пчелите понесуваат и дел од храната.
Ројот пчели прво се стационира на локација (пример дрво) во близина, од каде пчели извиднички се упатуваат во различни правци, барајќи ново живеалиште. Остатокот од пчелите, мируваат на локацијата се до донесувањето на крајната одлука во однос на новото живеалиште.
Начинот на кој се одлучува кое би било новото живеалиште, како пчелите извиднички ги известуваат другите за пронајдените предлог локации и како оди одлучувањето, е импресивен процес кој е опишан во следното видео.
Доколку навреме се фати ројот, со сместување на истиот во кошницата се формира ново пчелно семејство. Во нашиот случај, ројот формирал ново живеалиште во близина на пчеларникот и на фотографиите е прикажано негово преместување во кошница.
Напомена: Доколку забележите рој пчели, оддалечете се што е можно побрзо и пријавете во пчеларско здружение, на некој пчелар или пак во полиција.
Убодот од пчела може да биде смртоносен!!!
- Фото галерија: Фаќање на рој пчели
- Пчелар: Парговски Пецо (06.06.1952-20.03.2020)
- Локација: село Градешница, Мариово
- дата: 05.08.2018